„Мојот глас - Моја одлука“ е проект со кој стартува кампањата против семејно гласање и гласање во име на друг, кој го реализира Центарот за истражување и креирање политики и Женската Граѓанска Иницијатива АНТИКО.
Во првата, втората и шестата изборна единица се реализира оваа кампања во средини со мнозинско албанско и ромско население, во кои е и најзастапен овој проблем.
„Тоа е во однос на патријархалниот менталитет кој постои, главата на семејството да одреди за партијата за која гласа тој, да гласаат и другите членови на семејството“, изјави г-ѓа Ѓунер Небиу, претседателка на Женската Граѓанска Иницијатива АНТИКО.
Покрај семејството, како фактори коишто имаат влијание на оваа појава се и државните институции, ДИК, избирачките одбори и најмногу политичките партии, смета менаџерката на проектот г-ѓа Сања Костовска.
„На самите политички партии честопати им е во прилог семејното гласање и гласањето во име на друг. За жал, досега не се почувствува спремност од политичките партии за спречување на овој проблем, поради тоа што очигледно на политичките партии им е помило да си го осигураат местото на изборите, отколку изборите да поминат чисто“, рече г-ѓа Сања Костовска, аналитичар во ЦИКП.
ЖГИ АНТИКО и Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ), изработуваат анализа за појасен пристап кон ова прашање. Резултатите ќе бидат презентирани на 9-ти февруари во Скопје. Кампањата ќе трае до почетокот на предизборните активности.
|