Работењето кон целта за постигнување на родовата рамноправност и справување со постоечките нееднаквости многу често значи да се работи различно со мажите и жените, бидејки тие често имаат и различни потреби и приоритети, аспирации и придонесуваат кон развојот на различни начини. Родовата рамноправност и зајакнувањето на жените се засновани на принципите на човековите права и социјалната правда. Ова е еден од главните чинители на одржливиот развој на човештвото.
Имајќи ги во предвид сите овие факти, ЖГИ Антико во рамките на програмата „Жените и општеството“ до крајот на март 2008-ма година во 8 локални заедници, продолжува да ги одржува активностите на едногодишниот проект „Родовата еднаквост и локалната самоуправа“ поддржан од GFW.
Од планираните 92 активности до крајот на март 2008-ма година, ќе се реализираат уште 32 јавни дебати, тркалезни маси, интерактивни работилници, конференции на важни теми од женските прашања и постигнувањето на родовата рамноправност на локално ниво. Настаните се предвидени да се одржат во Скопје, Гостивар, Кичево, Куманово, Крушево, Битола, Пробиштип и Дебар.
Основна цел на иницијативата е да се даде придонес за зголемување на свесноста, информираноста и знаењата на жените од различни етнички групи, структури и институции во дефинирањето на родовите односи, родовите прашања и родовата рамноправност.
Реализираните активности се спроведуваат со цел да се даде јавност на потребата за надминувањето на прашањата на патријархалните вредности, сексизмот, нерамноправната поделба на трудот и моќта во приватната и јавната сфера, како и влијанието на образованието, медиумите за одржувањето на сексизмот.
Во спроведените активности учесниците/чките ќе се запознаат и со содржината на Законот за еднакви можности и нејзина примена во пракса, како и дадените препораки на CEDOW Комитетот за Македонија.
Преку овој проект Антико ќе даде придонес за зголемувањето на свесноста знаењата и информираноста на учесниците од различни структури за потребата за интегрирање на родовата перспектива во политиките, стратегиите и програмите на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС).
|