Средношколците/ките кои се сместени во државниот средношколски дом „Здравко Цветковски“ во Скопје, на работилницата „СТОП за родовото и семејното насилство“, ја искажаа својата осуда за оваа деструктивна појава. Работилницата беше организирана на 04.12.2014 год. од страна на ЖГИ АНТИКО и студентите од Институтот за родови студии.
На работилницата, на која присуствуваа 20 средношколци од повеќе градови од државата, учесниците се запознаа со корените на семејното и родовото насилство, кобните последици кои ги предизвикува и со институционалната и правна рамка која постои за заштита од овој вид на насилство. Средношколците наведоа примери, разговараа за насилството во адолесцентните љубовни врски, механизмите за заштита на жртвите и на потенцијалните жртви и едногласно го осудија овој вид на насилство. Оваа работилница беше дел од низата работилници организирани во рамките на меѓународната „16 дена активизам против родовото и семејното насилство“, во која ЖГИ АНТИКО се вклучува секоја година.
|