Конференцијата на тема „Демократијата и родовата еднаквост“ се одржа на 14.09.2012 во Собранието на РМ, по повод 15 Септември – Меѓународниот ден на демократијата.Целта на овој настан беше да ги покрене прашањата за предизвиците и пречките со кои се соочуваат жените и мажите во остварување на основните постулати на демократијата, како што се рамноправноста, партиципативноста и репрезентативноста. На конференцијата земаа учество околу 115 претставници на Собранието на РМ, Владата, политичките партии, академската јавност, граѓанскиот сектор и меѓународните институции. кои дискутираа во однос на споделувањето на одговорноста помеѓу жените и мажите во креирањето на политиките и донесувањето на одлуките.
Конференцијата ја отвори претседателот на Собранието г-дин Трајко Вељаноски, кој им даде поддршка на жените во напорите за постигнување на родова рамноправност и истакна дека ќе се продолжи со праксата законите да се разгледуваат од родова перспектива, а како следна фаза да се воведе родово одговорно буџетирање на сите нивоа. Свое видување во врска со темата дадоа и потпретседателката на Владата на РМ г-ѓа Теута Арифи, претставници/чки на Парламентот на РМ, претставнички на граѓанскиот сектор и меѓународните организации во Македонија.
Генералната констатација од нивните излагања беше дека изминатите години е постигнат значителен напредок на полето на родовата рамноправност и еднаквите можности, но дека тоа не е доволно, затоа што постојат отворени прашања на кои и понатаму треба да се работи координирано и со учество на сите засегнати страни. Конференцијата беше планирана активност во годишната програма 2012 на мрежата на ЖГИ АНТИКО. Иницијативата ја поддржаа и се вклучија Македонското женско лоби и Клубот на жени пратенички, како и меѓунународните институции.
|