Женската граѓанска иницијатива АНТИКО традиционално како и секоја година се приклучи кон Меѓународната кампања „Шестнаесет дена активизам против насилството врз жените“. Оваа година под мотото „НЕМА ОПРАВДУВАЊЕ ЗА НАСИЛСТВОТО!“ активистките и волонтерите/ките од мрежата на АНТИКО во Тетово, Гостивар, Куманово, Кичево, Ресен, Битола, Пробиштип, Струмица Крушево и Скопје, реализираа 30 јавни настани (3 трибини, 9 работилници, 3 јавни дебати, 5 прес-конференции,10 јавни перформанси) и дистрибуираа 11.000 примероци промотивен материјал, со цел зголемување на јавната свест за насилството како општествен проблем и за потребата од енергична акција за превенција и справување со насилството.
Во активностите директно беа вклучени 339 учесници. Во Скопје, Гостивар, Ресен, Струмица и Кичево на 25.11.2011 се организираше прес-конференција за медиумите, на која се најави започнувањето на Кампањата и се даде осврт за состојбите во однос на насилството врз жените во Република Македонија. Препораките, кои што ЖГИ АНТИКО за времетраење на кампањата имаше можност да ги упати до граѓаните, надлежните институции и сите останати релевантни фактори во државата, беа фокусирани на неколку значајни компоненти кои придонесуваат кон поенергична борба против насилството врз жените. Истите се прикажани во делот на постигнувањата во овој извештај.
Кампањата заврши на 10 декември кога се одбележува и Меѓународниот ден на човековите права, со што се симболизира и врската помеѓу насилството врз жените и човековите права, односно насилството како чин на грубо кршење на човековите права и еден од најекстремните облици на дискриминација. По тој повод во десетте градови каде се спроведува кампањата, односно во централните градски подрачја, во институциите, училиштата и другите јавни објекти, се дистрибуираше10,800 примероци на промотивниот материјал од страна на активистките и волонтерите на ЖГИ АНТИКО.
|