Со цел да се поттикнат жените и мажите од политичките партии да земат активно учество во промовирањето на еднаквите можности во внатрепартиските структури и процесите на креирање родово сензитивни политики, ЖГИ АНТИКО реализираше две тркалезни маси со претставнички/ци од политичките партии на тема „Родовата рамноправност во структурите на политичките партии –предизвици и можности“.
Првата тркалезна маса се одржа во Велес на 21.09.2011 година, во просториите на Фондација за локален развој и демократија, Фокус – Велес, додека на 29.09.2011 година во просториите на Дом на АРМ во Струмица беше одржана втората тркалезна маса. На овие настани околу 40 претставнички/ци на различни политички партии дискутираа по однос на прашањата: активизмот на жените во политичките партии; имплементацијата на Законот за еднакви можности од страна на партиите; родовите аспекти во програмите на политичките партии; воспоставувањето на механизми за унапредување на родовата рамноправност во политички партии, со акцент на застапеноста на жените во раководните структури на самите партии.
Заклучните согледувања од дискусиите на двете тркалезни маси генерално беа насочени кон неколку клучни точки за кои се разговараше:
- усогласување на приватниот и професионалниот/општествениот живот на жените;
- поголема солидарност помеѓу жените и меѓусебна поддршка како во рамките на партијата, така и помеѓу жените од различни партии, кога се работи за заеднички интереси и прашања поврзани со родовата рамноправност;
- надминување на патријархалните ограничувања и родовите стереотипи кои се бариера за учеството на жените не само во политиката, туку и во останатите сфери на јавниот и општествениот живот;
- спроведување на континуирана анализа на ситуацијата за примена на родовите политики на национално и локално ниво;
- креирање внатрепартиски програми и стратегии за подеднакво учество на двата пола во структурите на одлучување.
|