Резултатите од спроведената родова анализа на кандидатските листи за Предвремените парламентарни избори 2011 и анализата на изборните резултати, покажаа дека нема некој позначаен напредок кога се работи за застапеноста на жените на изборните листи и процентот на избрани жени во Парламентот, во однос на минатите години.
Заклучните согледувања од анализата не се многу далеку од очекуваните. Политичките партии генерално ги почитуваат одредбите на Изборниот законик „... на секои три места на листата најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол“, но, како по правило и на овие избори, добитните позиции ги резервираат за мажите кандидати, а жените најмногу се позиционираат на 3, 6, 9, 12 ... место, кои се помалку добитни или вoопшто недобитни позиции. Процентуалната застапеност на жените на кандидатските листи се движи од 30% до 60% максимум ( само една кандидатска листа).Ваквата рапределеност на жените на кандидатските листи се рефлектира и врз изборните резултати (30,9% - минимум исполнување на квотата) што укажува дека учеството на жените во Парламентот сé уште е резултат на институционалните механизми, односно законската квота од 30%, а не на политичката волја и сопственото убедување на политичките субјекти.
Состојбите се незадоволителни и во владините структури каде сеуште се забележува низок процент на застапеност на жените на високи позиции во Министерствата. Така, од вкупно 19 Министерства во Владата на РМ, само 2 жени се министерки (10,5 %); од 4 заменици на Претседателот на Владата само 1 жена е вицепремиерка ( 25%); од 15 Министерства заменички министерки се само 3 жени ( 20%)......
ЖГИ Антико ги следи и документира состојбите во однос на политичкото учество на жените и анализата ја спроведе со цел да се добијат релевантни податоци кои понатаму ќе бидат основа за идентификување на приоритетите и планирање на активностите и следните чекори на сите засегнати страни за решавање на овој проблем и потреба во нашето општество, се со цел на елиминирање на родовата дискриминација, обезбедување на исти права можности и одговороности за двата пола , како и почитувањето на Уставот и законите на Р. Македонија.
Се наметнува заклучокот дека доколку не се превземат поамбициозни акции ( од страна на граѓанскиот сектор, ПП и др. засегнати страни) и оние резултати кои досега се постигнати се доведени во прашање, а постои и можност да се вратиме и чекор наназад - како што е состојбата со изборот на градоначалници на општините ( од 3 жени градоначалнички во претходните мандати, во моментов ниту една жена не е на оваа функција).
Целокупната анализа и резултатите се објавени на нашата веб страна во делот под “публикации”.
|