На 07.07.2011 година (четврток) и на 08.07.2011 година (петок) беше реализиран циклус од 4 едукативни работилници во општина Петровец со цел зголемување на свеста, вештините и способностите на претставниците на општината, за препознавање на родовите прашања и потреби.
Едукативните работилници ги опфатија следните теми: Основи на дискриминација, Институционална и правна рамка за родова рамноправност, Родово буџетирање и Планирање и подготовка на локални акциски планови за родова рамноправност. Активно учество на четирите едукативни работилници земаа 12 учеснички од општина Петровец.
Од работилниците, за време на дискусиите произлегоа следните заклучоци:
- Во општината, како и во образовните институции, за контакт центрите и правните застапници за заштита од дисктиминација постои недоволна информираност и едуцираност;
- Учесничките го истакнаа и проблемот дека жените не се доволно вклучени во профитабилната работа и во јавната сфера поради недоволното образование;
- Тие особено се интересираа за работата на правниот застапник и Комисијата за еднакви можности, како и за ингеренциите на Координторите во министерствата, при што истакнаа дека е потребна промоција и повеќе информации за граѓаните да почнат да се обраќаат и да побараат помош;
- Посебен акцент, учесничките ставија на темата семејно насилство и истакнаа дека во нивната општина имаат реален проблем на таа тема. Поради тоа што оваа појава е многу честа тие сакаат да се преземат јавни акции за подучување и освестување на жените од општина Петровец за семејното насилство;
- На крајот, учесничките увидоа дека треба да се ревидира постоечкиот акциски план, тие детектираа проблеми кои ги имаат во општината и ги подредија на области кои ќе ги вметнат во ревидираниот акциски план за 2012-та година.
Обучувачките, како и тимот на Антико, и по завршувањето на едукативните работилници ќе бидат достапни консултации и комуникацијата ќе продолжи, а по потреба ќе се реализираат и заеднички средби со цел да се одговори на потребите во општината и да се зајакне и подобри соработката помеѓу Антико и општина Петровец.
|