Од 13 – 15 и 27 – 29 мај 2011 година две претставнички од ЖГИ Антико, Даница Јованова и Ѓунер Небиу, учествуваа во циклус од две работилници за подготовка на проектни апликации за Европски фондови во Охрид во х. Климетица.
Работилниците беа организирани од страна на ЦИРа во рамките на програмата CIVICA Mobilitas и истите беа наменети за грантистите, односно за организациите кои се поддржани од оваа програма на Швајцарската агенција за развој и соработка. Фацилитатор на оваа обука беше Бесим Небиу.
Целта на работилниците беше да се зајакнат капацитите (вештините и знаењата) на членовите на граѓанските организации за подготовка на апликации за ЕУ фондовите.
Учесниците на работилниците имаа можност детално да се запознаат со процедурите за аплицирање во ЕУ фондовите, со чекорите во менаџирањето на еден проектен циклус тргнувајќи од една сеопфатна проблемска анализа, дефинирање на целите, подготовка на логичка рамка, па сé до пополнување на самата проектна апликација и буџетските формати.
Преку индивидуална и групна работа учесниците практично ги вежбаа стекнатите теоретски знаења, така што уште за време на работилницата ги имаа предлог верзиите на своите апликации. Оваа обука може да се оцени како интерактивна и корисна бидејќи учесниците по завршувањето на вториот циклус веќе имаа финален производ со кој им се отвораат можностите за аплицирање на проекти во ЕУ фондовите, како и поддршка и зајакнување на капацитетите на нивните организации.
|