Со цел граѓаните на Кичево да се запознаат со чекорите кон интегрирано образование, кои ги превзема Министерството за образование и наука, беше организирана општинска средба, на 17-ти март 2011 година, во просториите на хотел Кичево.
На средбата беа присутни: Кнут Волебек (висок комесар за национални малцинства од ОБСЕ), Никола Тодоров (Министер за образование), Абдулаќим Адеми (Вицепремиер), Благоја Деспотоски (Градоначалник на Општина Кичево), Дона Костуранова (МОФ), Марјан Забрчанец (извршен директор на МОФ), Ѓунер Небиу (претседателка на женска граѓанска иницијатива Антико) и Џабир Дерала (НВО Цивил).
На почетокот од оваа средба, градоначалникот Деспотоски истакна дека општина Кичево се залага за интегрирано образование и дека општината е спремна се она што е позитивно искуство во светот, во вакви средини, и она што е наше наследство да го интегрира во образованието, а се со една цел, да се зголеми квалитетот на образованието.
Според изјавата на министерот Тодоров, образованието е еден од најголемите предизвици на денешницата и сегмент од нашето општествено живеење, кој ја прави основната разлика помеѓу тоа дали една држава ќе биде високо развиена. Единствено знаењето може да донесе повисоко ниво на инвестиции и повисок економски развој. Затоа Владата, образованието го стави меѓу првите пет приоритети и одвојува големи средства за развој на образованието на сите нивоа.
Документот развиен како стратегија кон интегриран образовен систем е поделен во пет тематски групи. Во првата се зборува за интеграција преку заеднички активности на учениците кои следат настава на различен јазик, втората цели кон интеграција преку зголемување на взаемното познавање на јазиците кај учениците и возрасните, додека третата група го обработува сложеното прашање за прилагодување на наставниот план и програма и на учебниците. Четвртата група ја покрива темата на квалификација на наставниците поврзана со компетенции за интеграција во образованието. И петата група го вклучува управувањето на училиштата во децентрализиран контекст, предлага мерки за зајакнување на сигурноста на работното место на наставниците, дефинирање на условите за вработување на помошници на директори, на општински овластени инспектори, на општински советници за образование, дефинирање на одговорностите на државните институции наспроти оние на општинските власти во областа на образованието.
– Свесни сме дека образованието е место каде треба да се учи за мултикултурализмот, треба да се учи за соживотот, меѓутоа училиштата треба да бидат места каде учениците од различни етнички заедници ќе се познаваат меѓу себе и ќе ги елиминираат сите предрасуди. Токму затоа ние се одлучивме да ја подржиме стратегијата за интегрирано образование – изјави вицепремиерот Адеми.
Министерството за образование и науки и ОБСЕ, го развија овој документ со заеднички напори и како последователни мерки на препораките од Високиот комесаријат за национални малцинства на ОБСЕ од јануари 2008.– Мојата канцеларија се обидува да и помогне на Владата на РМ со сите предизвици со кои се соочува и ќе продолжи и понатаму да и дава подршка во имплементацијата на стратегијата. Интеграцијата значи дека ние живееме и работиме заедно и покрај тоа што не сме сите исти, односно имам свои посебни разлики. Нашите идентитети се важни за секој од нас и ова е една рамнотежа која што Владата треба да ја определи и да работи на тоа – изјави Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ.
|