Обуката на тема „Употреба на социјални медиуми од страна на граѓански организации“ беше организирана од канцеларијата на ТАКСО во Македонија (Техничка поддршка за граѓанските – Македонска канцеларија), од 16-17 мај 2011 година, во хотел Холидеј Ин во Скопје. Оваа обука имаше за цел да ги зајакне капацитетите на граѓанските организации за употребата на социјалните медиуми, односно како тие да се претстават на интернет и како да го искористат за афирмирање на своите организации. Обучувачи беа Дарко Булдиоски и Сеад Џигал.
Првата тема која беше обработена беа глобалните и локалните интернет статистики и општествените промени предизвикани од употребата на интернет, а внимание беше посветено и на начинот на комуникација на интернет под насловот – јас медиум, граѓанско новинарство, глобална конверзација. Во рамките на оваа сесија се дискутираше за тоа како треба да се пишува на веб за да можат читателите да го порочитаат она коешто ние сакаме да го кажеме. Исто така, на учесниците им беше објаснето како да се структуира текстот, како да се идентификува, да се употребува разбивање (т.е. фрагментираност) и кратки наслови, како и линкови. Како заклучок од оваа сесија беше дека интернетот веќе не е еднонасочна комуникација (како на пример разгледниците, брошурите) и тука луѓето сакаат интеракција, а не да добијат само уште еден канал за дистрибуција на пораки. Оттука, при користење на интернет најважно е да се слуша, да се комуницира и да се биде транспарентен.
Вториот ден од обуката започна со темата Facebook која им беше поблиска на сите учесници. Во рамките на оваа тема беа опфатени подтемите:
- Основни карактеристики на Facebook и неговите корисници
- Избор: страница, група, настан, профил
- Одржување, динамика и комуникација на Facebook
- Апликации и надворешно поврзување
Во втората сесија од денот беше претставен и се зборуваше за Twitter односно на темите:
- Што е Twitter?
- Основни принципи и комуникација на Twitter
- Веб, десктоп и мобилни апликации за следење и управување со твитер сметки
Последната сесија од вториот ден се однесуваше на мултимедијалната содржина и споделување, а темите кои беа опфатени се:
- Основи на веб видео продукција и стриминг
- Онлајн видео сервиси за различни потреби
- Сервиси за споделување на фотографии
- Сервиси за споделување на документи и презентации
Во овој дел обучувачот, Дарко Булдиоски, им посочи на учесниците на кои места (страници) на интернет би можеле да најдат соодветно место за споделување на нивното мултимедијално искуство. Тој исто така даде и конкретен пример со тоа што со својот мобилен телефон вршеше пренос во живо на интернет.
|