Во Клуб на новинари на 19.04.2011-та година, во соработка на ЖГИ АНТИКО, НВО Цивил и МОФ, беше одржана јавна дебата на која се промовираше Националната стратегија за интегрирано образование. Овој документ е развиен од страна на Министерството за образование и науки и ОБСЕ како последователна мерка на препораките од Високиот комесаријат за национални малцинства на ОБСЕ од јануари 2008-ма година.
На дебатата покрај претставничката од ОБСЕ присутни беа и претставници од образованието (директори, наставници, професори), претставници од граѓанскиот сектор, од меѓународните организации, како и од младински форуми.
Оваа стратегија е развиена како алатка за постигнување на интегриран образовен систем и е поделена во пет тематски групи. Во првата група станува збор за интеграција преку заеднички активности на учениците кои следат настава на различен јазик; втората цели кон интеграција преку зголемување на взаемното познавање на јазиците кај учениците и возрасните, додека третата група го обработува сложеното прашање за прилагодување на наставниот план и програма на учебниците. Четвртата група ја покрива темата на квлаификација на наставниците поврзана со компетенции за интеграција во образованието. Петтата група, пак, го вклучува управувањето на училиштата во децентрализиран контекст, предлага мерки за зајакнување на сигурноста на работното место на наставниците, дефинирање на условите за вработување на помошници на директори, на општински овластени инспектори, на општински советници за образование и дефинирање на одговорностите на државните институции наспроти оние на општинските власти во областа на образованието.
Околу клучните точки од стратегијата помеѓу учесниците се разви дискусија за можностите за нејзината имплеметација во пракса, за нејзините предности и слабости и за тоа какви се условите и можностите за нејзиното прифаќање во училиштата.
|