 Во рамките на локалната акција „Едукација за заштита на репродуктивното здравје на жените во Могила“ беа одржани 2 едукативни работилници со 57 учеснички на тема „Подобрување на репродуктивното здравје“ и еден форум на кој беа присутни 50 жени кои иницираа дискусија за пристапот до институциите одговорни за репродуктивното здравје на жените, недоволната информираност, проблемите со кои се соочуваат и можните решенија за нивно надминување.
За пошироко актуелизирање на проблемот и акцентирање на важноста на репродуктивното здравје на жените беше отпечатен и дистрибуиран едукативен материјал во 400 примероци на македонски и турски јазик.
Од вториот циклус на едукативни работилници произлезе локалната акција „Добро информирани, најдобро заштитени“ која вклучуваше учество на младите девојки и жени кои сé повеќе се изложени на опасностите кои ги носат новите трендови и начини на живеење. За таа цел, беа реализирани 6 едукативни работилници на тема на зависностите – болести на денешницата и заштита од несакана бременост и сексуално преносливи болести, а активно учествуваа 174 лица. Предавањата беа водени од страна на експерти гинеколози и началничката од подрачната единица на СВР Битола.
За потребите на оваа локална акција печатени се два вида на промотивни и едукативни флаери во 600 примероци (на македонски и турски јазик) – од кои првиот ги опфаќа начините за заштита од несакана бременост и сексуално преносливите болести, а вториот превенцијата и заштитата од зависностите.
|