Мултикултурализмот – Позитивен круг на споделување, толеранција и дијалог
Развојот на Програмата за мултикултурализам е резултат добиен врз основа на 10-годишното активно делување на ЖГИ Антико на локално и национално ниво на Р. Македонија. Потребите и проблемите со кои се соочуваат жените и младите од различни етнички заедници, Антико ги има идентификувано во текот на голем број различни активности на територијата на државата. Меѓуетничкиот конфликт во 2001-та година имаше свое директно и индиректно влијание на влошувањето на меѓусебната доверба и соработка, и покрај тоа што граѓаните од различни националности и култури со векови живееја заедно во традиционално добри односи.
Како значајна алатка во ланецот на градење на меѓуетничките односи и мирот во заедницата се младите. Поради тоа, се јавува потребата за реализрање на програми кои ќе ја поттикнат помладата популација меѓусебно да ги запознаат културите, системите на вредности, постоечките сличности, но и разлики. Со оваа цел, Антико во текот на јануари и февруари 2010-та година ја подготви Програмата за мултикултура каде што се промовираат позитивните цели и идеали за мир, толеранција, еднаквост, достоинство, човекови права, граѓански активизам и демократија. Програмата на Школата за мултикултурализам е осмислена како циклус на искуствено активно учење кое се состои од три елементи: семинари, активност во заедницата и менторска поддршка.
Во текот на месеците февруари и март активно работевме на креирање и подготовка на прирачник со наслов „Школа за мултикултурализам“. Овој прирачник e печатен на македонски и албански јазик и ќе им биде поделен на учесниците на обуката.
Со објавувањето на конкурсот на веб страницата на Антико (www.antiko.org.mk) ќе се пристапи кон испраќање на информација со покана за учество на голем број невладини организации и соработници на Антико. Конкурсот за учество треба да покаже дека кај младите има голем интерес, а изборот ќе биде направен врз основа на однапред утврдени критериуми.
|