Женската Граѓанска Иницијатива Антико на 14.12.2010 година (вторник) организира Конференција на тема: „Младите и мултикултурализмот: Како го чувствуваме духот на мултикултурализмот“, во хотел „Континентал“, Скопје, со почеток во 11 часот.
Главната цел на оваа конференција е поттикнување на младите лица (студенти од Универзитетите во Република Македонија, претставници од младинските граѓански организации, претставници од младинските форуми на политичките партии и други засегнати страни) да создадат отворен и сигурен простор за меѓуетничка и меѓукултурна интеракција. Споделувањето на мислења, искуства и ставови за културните предизвици и давањето на практични решенија за развојот на мултикултурното општество ќе придонесат за подобрување на мирот и разбирањето во заедницата и, пошироко, во општеството.
Конференцијата е резултат на програмата за млади „Мир во себе, мир со сите“ и „Школата за мултикултурализам„ која ги мобилизира младите преку јакнење на нивните лидерски капацитети за промовирање на позитивни цели и идеали за мир, толеранција, демократија, еднаквост, достоинство, човекови права и практичен младински активизам во заедниците на Република Македонија.
Оваа конференција е дел од планираните активности од годишната програма на ЖГИ Антико, поддржана од програмата Civica Mobilitas, имплементирана од страна на Центарот за Институционален Развој – ЦИРа и финансирана од Швајцарската Агенција за Развој и Соработка (SDC), претставена од Швајцарската канцеларија за соработка во Република Македонија.
Фацилитатори/ки – презентери/ки на конференцијата ќе бидат млади лица кои имаат знаење и искуство од оваа област.
|