Дали 8 март е празник, прослава и повод за веселби или, пак, ден за одбележување, сумирање на достигнувањата, проблемите и предизвиците, а уште повеке од тоа и решителна акција за вистинска родова рамноправност и унапредување и заштита на човековите права на жените?!
Имаќи ги во предвид сите стеротипни однесувања и прослави кои даваат искривена слика на значењето на овој историски ден и на вековната женската борба против партријархатот и нејзиниот вредносен систем кој во минатото, а и сега длабоко ја дискриминира, омаловажува и ја претвора жената во граѓанка од втор ред.
Женска Граѓанска Иницијатива Антико по повод 8-ми март им се обраќа на сите граѓани/ки на Република Македонија - граѓанскиот сектор, медиумите, образовните институции, а и сите релевантни државни институци, особено жените парламентарки и советнички и сите оние кои се наоѓаат на позиции и раководни функции, да ја дадат својата поддршка за промовирањето на вистинското значење на одбележувањето на овој значаен ден.
На место организирање на еднодневни 8 мартовски стереотипни веселби, честитки и подароци сите заедно активно да се вклучиме во напорите и заложбите кои се прават за промовирање, унапредување и заштита на многу групи и категории на жени кои се дискриминирани и незаштитени. Да ја подобриме положбата и секојдневието на секоја граѓанка на Република Македонија. Да се бориме за надминување на ова лоша пракса и култура на „прослава“. Да внесеме нов дух и енергија за моќен почеток или продолжение на сите започнати заложби и борби за надминување на сексизмите, родовите предрасуди и стереотипи, кои токму и на овој „празник„ свесно или несвесно го газат женското достоинство ја понижуваат и ја ставаат жената во дискриминирана положба.
За жените на светот, симболиката на меѓународниот ден има поразлично значење . Тоа е повод да се усогласат достигнувањата , придобивките и постигнатите успеси во борбата за еднаквост, мир и развој. Овој датум, исто така, дава можност да се обединат жените и сите други прогресивни сили за да создадат мрежи кои ќе се мобилизиаат и преземат заеднички акции за создавање на значајни промени во однос на неповолната положба на жените во семејниот и општестениот живот во локални и глобални рамки.
Оваа година во време на одржувањето на 54-та Седница на Комисијата за Статусот на Жените при ОН, „Пекинг +15“ и глобалното обележување на меѓународниот ден на жени под мотото: „Еднакви права, еднакви можности: Прогрес за сите“, Ве повикуваме заедно да му се приклучиме на локалното и глобално феминстичкото движење, бидејки тоа не ништо друго освен заложба за политичка, економска, социјална и општествена рамноправност помеѓу мажите и жените.Тоа е движење кое се залага за ослободување на жените од насилството, сексистичките однесувања и традиционалните родови улоги. Сите ние заедно да се зaлагаме за прифакање на жената од страна на општеството како рамноправна личност која има исти права можности и одговорности со другата половина на човештвото.
Патријархатот е основа на родовото угнетување. Индивидуалните репресии/насилства во домот, каде 90% од жртвите се жени, го поминуват „семејниот праг“ и се прелеваат како насилство и репресија во општеството во сите негови сегменти.
Сексизмите како форми на општествена дискриминација и сегрегација втемелени врз база на родот – полот, се многу присутни во нашите животи и се секојдневие во јавниот, политичкиот, економскиот и културниот живот. Сексуалноста на жената се злоупотребува и на неа се гледа како сексуален објект. Таа често е мета на сексистички гафови и потценувачки и омаловажувачки шеги.
Женското сиромаштво и невработеност создаваат можности дел од нив да бидат жртви на трговија - купувања, препродавања и проституција. Тие јавно се прикажуваат, казнуваат и омаловажуваат додека нивните клиенти остануваат неказнети анонимни трговци и купувачи на човечко тело.
Затоа ги повикуваме сите прогресивни сили жени и мажи да го подигнат својот глас и личен ангажман, да кажат НЕ за овој вид на прослави. Да бидат активни граѓани кои иницираат и создаваат промени.
Срекен 8 март....Со искрени желби за посреќни и поправедни времиња и поводи за вистински секојдневни празнувања на женските успеси во сите сфери на економскиот, јавниот и политичкиот живот на жените.
ЖЕНСКА ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА АНТИКО
|